Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром вечерва на домашен терен го пречекува белградски ФМП во рамки на 20. коло во регионалната АБА лига.
Центарот Бојан Крстевски во изјава за клупскиот сајт најави дека македонскиот тим со поддршка на домашната публика ќе се обиде да ја извојува четвртата победа со која ќе ги зголеми шансите за опстанок сезонава во АБА лигата.
„Против ФМП играме пред нашите верни навивачи, кои верувам ќе бидат во голем број на трибините од каде ќе ни ја дадат потребната поддршка. Наша примарна цел е да ја искористиме предноста на домашниот терен и на крајот да се радуваме на победата, а која ќе ни биде голем потстрек за останатиот дел од сезонава во АБА“, рече Крстевски.
На седум кола до крајот на сезоната, МЗТ Скопје Аеродром е последно пласиран на табелата со три победи и 16 порази, додека вечерашниот противник е на петтото место со ефект од 12-7.