Кошаркарките на Патриот 2016 од Делчево го освоија првото место во Првата Б лига. Во завршниот натпревар кој синоќа се одигра во спортската сала ,,Методи Митевски - Брицо" славеа убедлива победа против екипата на Спорт Тим - Неготино, со што направија уште еден историски успех за делчевскиот спорт.

- Со ова покажавме дека се игра кошарка во Делчево. По освојувањето на Купот во 2013 година, станавме шампиони минатата сезона во кадети М16, и еве сега успеавме да го освоиме првото место во Прва Б лига, истакна по победата тренерот Љупчо Петровски, додавајќи дека со оглед на тоа што скоро сите девојки се од Делчево и се на возраст од 16 и 17 години, постои голема блескава перспектива на кошаркарскиот клуб.

Медалите и пехарот за освоеното прво место ги додели градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски кој најави дека со задоволство ќе поддржува и ќе вложува во вакви спортски клубови кои нижат победи и освојуваат врвни спортски награди на државно ниво и го радуваат срцето на секој делчевчанец.

За најдобар играч во првата Б Лига беше прогласена Ина Рашова, а капитенот на екипата Ана Ангеловска, додаде дека сега најважни се натпреварите од плејофот од кој очекуваат добар резултат.

За влез во Првата А лига делчевки ќе играат со екипата на Пробаскет од Пробиштип.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/03/2023 11:37