Во просториите на НУ Музеј на Македонија денеска ќе биде отворена изложбата „Расна дијагноза: Циган“- нацистичкиот геноцид на Синтите и Ромите и долгата борба за признавање, организирана од РРОМА во соработка со Централниот совет на германските Синти и Роми, Документациониот културен центар на германските Синти и Роми и земјите од Западен Балкан.
- Геноцидот на околу 500.000 Синти и Роми под национал-социјализмот сè уште се смета за „заборавен Холокауст“. Затоа, фокусот на изложбата е националсоцијалистичкиот геноцид на Синтите и Ромите почнувајќи од исклучување и обесправување на малцинството во Германскиот рајх, па сѐ до нивното систематско истребување во Европа окупирана од нацистите. Изложбата ќе трае до 28 април, сите заинтересирани може да ја посетат, со слободен влез и да се заземе решителен став против опасната клима на маргинализација и омраза, преку подигање на свеста, обезбедување информации и создавање култура на сеќавање, информираат организаторите на изложбата.
Како што наведуваат во соопштението, „сепак, расизмот и популизмот, не само што ги поткопуваат правата на малцинствата, тие се насочени кон срцето на нашата демократија“.
Очекуваат оваа изложба „а помогне да се пренесе порака не само на младите, туку на сите генерации, дека истото може да се случи пак, не само денес, туку и во иднина и во секој момент да служи како потсетник на безмилосните, грозни и мрачни случувања од минатото“.