Во Струмица денеска беше промовирана книгата „Мисли и размислувања“ од Антон Панов во издание на струмичкиот Центар за култура, која ја приреди неговиот внук Ѓорги Панов.

Според промоторите, ова дело досега било далеку од очите на јавноста, а неговиот внук ги барал овие оригинални, необјавувани материјали во ракописна форма во архивите на МАНУ.

-Немаше да бидам восхитена од оваа мала, но огромна книга, доколку не знаев дека авторот на „Печалбари“, „Пиликатник“ и други дела всушност оставил и свои есеистичко-филозофски записи и размисли, кои кога ги читате денес верувајте имаат многу повеќе смисла отколку во времето кога биле пишувани, рече д-р Ана Витанова Рингачева.

За книгата говореа Иван Котев и професорот Јордан Стојаноски, кои се осврнаа на вкупното творештво на Панов.

Внукот на Панов, Ѓорги, истакна дека идејата за ова дело ја имал уште во раната младост.

-Неговото дело во МАНУ е собрано во 13 архивски кутии и раката ми дојде точно во таа кутија каде што се неговите ракописни записи. Кога дојде овој материјал во моите раце веднаш одлучив дека тој треба да ја види светлината на денот, рече Ѓорги Панов.

Промоцијата се одржа на денот на раѓањето на Антон Панов, а пред неговата биста во Центарот за култура членови на семејството и вработени во НУЦК „Антон Панов“ положија свежо цвеќе.

Книгата е издадена со финансиска помош од Министерството за култура.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/04/2023 17:10