Самостојна изложба на минијатури на Валентина Илијевска вечер ќе биде отворена во Галеријата „КО-РА“, во Домот на култура „Кочо Рацин“ - Скопје. Изложбата е по повод Светскиот ден на уметноста - 15 Април. Изложбата е поддржана од Град Скопје и од Дом на култура „Кочо Рацин“ - Скопје во рамки на годишната програма за визуелни уметности, дизајн и архитектура. Валентина Илијевска е реставратор и конзерватор, активно ангажирана во бројни проекти, а од 2014 година работи на црковните објекти во Кумановско-осоговска епархија, како конзерватор и реставратор, во Одделот за заштита на културното наследство. Средно образование завршила во ДСУПУ „Лазар Личеноски“- Скопје, а дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Во 2014 година магистрира на конзервација и реставрација на ѕидното сликарство во класата на проф. Благоја Кузмановски. Учествувала на неколку групни изложби и ликовни работилници. Добитничка е на неколку награди, признанија и дипломи.