Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром со фантастична игра во второто полувреме ја совладаа вечерва на домашен терен Цибона со 87 - 74 во завршниот натпревар од регуларниот дел на сезоната во АБА лигата и ги задржаа шансите за опстанок во регионалното натпреварување.
Македонскиот првак ја запиша седмата победа сезонава и утре ќе навива за пораз на директниот конкурент Борац на гостувањето во Подгорица против Будуќност со што ќе го задржи претпоследното место на табелата, кое обезбедува бараж за опстанок против второпласираниот тим од АБА 2.
МЗТ Скопје Аеродром беше во негатива од 12 поени разлика вечерва по првото полувреме (41-53), но одигра фантастична трета четвртина која ја реши во своја корист со неверојатни 30-5 и влезе во завршните десет минути со предност од 71-58.
Избраниците на тренерот Драган Николиќ до крајот на дуелот пред 4.500 гледачи во салата „Јане Сандански“ не ја испуштија тешко стекната предност и сега ќе го очекуваат исходот од дуелот во Подгорица од 19 часот.