Со дела од вредната и уникатна колекција на Музејот на современата уметност – Скопје, вечер во Кунстхале, Виена, ќе биде отворена изложба насловена „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје".
Концептот на изложбата, која е резултат на соработката меѓу МСУ – Скопје и Кунстхале Виена, на денешната прес-конференција во Виена го доближија Мира Гаќина, директорка на МСУ и една од трите уметнички директорки на Кунстхале, Сабина Саболовиќ.
Изложбата е курирана од уметничките директорки на Кунстхале, кураторскиот колектив What, How & for Who/WHW (Ивет Ќурлин, Наташа Илиќ и Сабина Саболовиќ).
-Ние, како Музеј на современата уметност со нашите колеги од Кунстхале ги вклучивме искреностa и отвореноста во нашиот заеднички изложбен проект, за повторно да изградиме интимна врска со уметниците и да ја реактуелизираме солидарноста, како општествена вредност. Затоа, посветено го препрочитуваме и повторно го толкуваме поимот солидарност во современиот општествен контекст. Овие дела кои ги донесовме во Виена се гест на пријателство и се во духот на негување нови врски со Кунстхале Виена, истакна Гаќина на прес-конференцијата.
Досега, уникатната колекција на МСУ e повеќепати промовирана низ светот. Но, како што велат од Музејот, соработката со Кунстхале е најкомплексниот проект што досега го имале.
-Не само поради тоа што ќе бидат изложени 94 дела од вредната колекција, која брои преку 5.500 дела, туку и поради фактот што делата можат да се погледнат во еден ваков посетен простор, во туристичка Виена, каде годишно поминуваат преку 75.000 илјади посетители, а само за вечерашното отворање се очекуваат повеќе од 1.500 гости, велат од МСУ.
Кураторките поканиле шест меѓународни современи уметници: Брук Ендру од Мелбурн, Синиша Илиќ од Белград, Иман Иса од Берлин и Ѓулсун Карамустафа од Истанбул и едно уметничко дуо Јане Чаловски и Христина Иваноска од Скопје, кои направиле своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислиле поставка со која воспоставија дијалог меѓу делата на познатите уметници од колекцијата и нивната авторска работа.
Идејата е да се види како денес современите уметници ја доживуваат оваа збирка, настаната преку светската солидарност. Покрај нив, фотографката Елфи Семотан од Виена направи дела од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ, а писателката Барби Марковиќ од Виена напиша патопис за нејзиното искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје.
-Насловот на изложбата „No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“ е тесно поврзан со приказната за тоа како е изградена уметничката колекција на МСУ Скопје, рече на денешниот прес, Саболовиќ, уметничка директорка на Кунтхале.
Потоа, Кунтахниз еден емотивен и искрен манир им ја раскажа на новинарите приказната за настанувањето на колекцијата на МСУ – Скопје.
Дел од изложбата содржи и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција, документи и макетата на Кензо Танге, позајмени од архивите на Музејот на град Скопје и архивата на МСУ.
Вечерва пред официјалното отворање на изложбата предавање со наслов „Skopje: Building the City of Solidarity" ќе одржат и архитектите Ана Ивановска Дескова, Јован Ивановски и Владимир Десков.