На прес-конференција денеска актерите и режисерот ја најавија и промовираа премиерата на претставата „Бог на масакрот“ на Тетовски Театар, што ќе се изведе во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово. Предпремиерата е утре, додека премиерата е во петок.

Режисерот на претставата Милош Андоновски, кој прв пат соработува во Тетовски Театар, потсети дека на текстот се работело од 20 март годинава.

- Драго ми е за соработката со Тетовски Театар и што водев процес од месец и половина за да направиме претстава за еден од најпоставуваните текстови на француската авторка Јасмина Реза, „Бог на масакрот“. Текстот е напишан во 2006 година и Јасмина Реза е една од најпознатите француски автори и најнаградувана низ Европа и светот. Третира една вечна тема во било кое време, тема на родителството, на воспитувањето на децата. Има и други под-теми кои овој текст ги отвора како прашања но одлучивме да се држиме до начинот на воспитување на децата и како однесувањето на возрасните се пресликува во секојдневното функционирање на самите деца. Двата пара се среќаваат во паркот и да го средат односот меѓу децата, но излегуваат на виделина недоразбирања и несогласувања и сфаќаат дека можеби не се совршени партнери еден за друг, изјави Милош Андоновски.

Ликовите ги толкуваат актерите Ѓорѓи Нешкоски, Ирена Мирческа, Марко Богдановски и Миа Кантарџиева Петровска.

-Ова беше супер процес во Тетовски театар, се надевам дека нема да биде единствена соработка. Се надевам дека оваа претстава ќе живее, опфаќа една тема која што не засега и е доста актуелна и јас уживав во процесот и креирање на самата претстава. Беше интересно да се види од едни деца кои се степале дека можеби и родителите во себе имаат нешто детско па ги тера да се однесуваат на оној начин на кој што се однесуваат, изјави Ирена Мирческа.

-Јас сум благодарна до екипата што имав можност за работа на развивање на својата креативност и еден лик. Мислам дека ќе и се допадне на публиката затоа што развива едни конфликти кои што се доведуваат до апсурд, брачни конфликти и мислам дека тука комедијата излегува на површина. Мислам дека тоа се едни ситуации кои брачните парови не ги споделуваат со лични пријателите, а тука се два пара кои не се сретнале никогаш порано и тука е целата комедија, рече актерката Миа Кантарџиева Петровска.

Пред публиката во родниот град ќе настапи актерот Марко Богдановски, кој ги повика граѓаните да ја погледнат оваа претстава.

Мое е да кажам на моите сограѓани дека ги покануваме да дојдат на премиера и на понатмошните изведби, не само на овој текст. Тетово има потреба од една ваква работа, да живее во театарски дух. Се надевам дека ќе успееме да воспоставиме репертоар со што ќе можеме да понудиме на тетовската публика разни наслови и тематики. За претставата, родителите излегоа поголеми деца од децата, истакна Марко Богдановски.

Режисерот Андоновски истакна дека во оригиналниот текст дејствието се одвива во дневна соба на еден од паровите, додека тие направиле измена и сите дијазлози се одвиваат во паркот каде се степале децата, а подоцна се сретнале и родителите.

Сценографија е на Мартин Манев, костимографија Ирина Тошева, а дизајн на постер е на Наташа Вчкова.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/04/2023 03:42