Разговор и беседење со познатиот писател за деца и возрасни, Горјан Петревски, читање поезија и сликање со инспирација од прекрасната раззеленета природа околу манастирскиот комплекс Св. Јоаким Осоговски беа дел од денешниот настан во Крива Паланка во организација на Националната установа Центар за култура од градот.

Петнаесетина млади поети, поетеси и сликари од основните и средното општинско училиште во Крива Паланка учествуваа на тричасовниот настан насловен „Уметност инспирирана од природата ", поддржан од Министерството за култура на Северна Македонија.

- Моето задоволство од оваа прекрасна дружба е огромно, јас творам многу за децата, целиот мој живот го посветив, покрај на фудбалот, на пишување спомени, приказни, романи и текстови „позборници“, најново, на социјалните мрежи, сè во контекст на творештвото посветено најповеќе за младите. Токму затоа и денес сум радосен, како и на секоја дружба со прекрасни млади луѓе, а овде, пријатното чувство ме обзеде особено поради убавото творење, литературно, а и ликовно на паланечките ученици за кои посакувам да продолжат да го негуваат цел живот детето во себе, рече авторот Петревски, кој ги претстави своите книги, белешки, тетратки со скици за романи, објави од весници, бројни искуства и приказни од неговиот богат творечки опус и животен пат.

На секој од учесниците авторот подари по една негова книга, со посебна посвета.

- Овој проект е нешто што со сигурност го збогати одбележувањето на месецот на книгата, ги поттикна младите вљубеници во пишаниот збор да творат, да го презентираат, рецитираат нивните стихови, а талентираните ученици за сликање, да создадат дела инспирирани од природата. Благодарност до менторите за соработката, професорките по македонски јазик и литература, Дијана Илиевска, Габриела Стојановска, Јасна Ѓоргиевска, Билјана Алексовска и Даниела Стојмировска, како и професорот по ликовна уметност, Лазо Ѓоргиевски од основните училишта „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“ и од СОУ „Ѓорче Петров“, како и до директорите, за тоа што секогаш излегуваат во пресрет и соработуваат во активностите и проектите наменети за развој и унапредување на младите личности, рече директорот на НУЦК Крива Паланка, Дарко Стоилковски.

Учениците што сликаа му подарија ликовни дела со мотив од манастирот на Горјан Петревски.

НУЦК Крива Паланка следната недела организира уште еден настан од областа на уметноста, работилница за изработка на мозаик.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/04/2023 20:45