Кумановскиот театар утревечер премиерно ќе ја изведе претставата „За кого бијат камбаните“ по текст на Ернест Хемингвеј, во режија на Мартин Кочовски, информираа на денешната прес-конференција, театар Куманово.

Режисерот, актерите, екипата ги поканија кумановци да ја проследат претставата во која игра целиот ансамбл и млади актери како гости. За актерите оваа претстава е особено важна, бидејќи учествува целиот тим, токму во година кога тетар Куманово одбележува 75 години од постоењето.

Директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски се заблагодари на екипата која работи во просториите на центарот, бидејќи зградата на театар се реновира, како и на режисерот.

-И режисерот и екипата емотивно се вклучија во процесот, изјави Тодоровски.

Режисерот Мартин Кочовски кажа дека по 20 години повторно работи со екипата на кумановскиот театар и дека токму првата претстава ја работел со театарот од Куманово.

-Претставата е огромна, бара многу енергија, епска е, грандиозна и зборува за светската тага, за најлошите времиња и ќе допре до публиката на секој начин, и емотивен и возбудувачки, нагласи Кочовски.

Драматургот Лидија Митоска-Ѓорѓиевска рече дека имала одлична соработка со актерите.

Актерите Кети Дончевска Илиќ и Горан Илиќ и младите Чедомир Митевски и Мишо Димитриевски изразија задоволство од реализацијата на претставата, укажувајќи дека од односот на режисерот и очекуваат публиката да ужива, бидејќи самата претстава е голема и нуди голема енергија. Покрај нив во претставата играат и Давид Илиќ, Нина Максимова, Антонио Димитриевски, Дубравка Киселички, Жарко Јовановиќ, Владо Дојчиноски, Александра Михајловска, Мирослав Петковиќ, Јанка Лефкова.

Во фокусот на претставата „За кого бијат камбаните“, како што пишува драматургот, Митоска-Ѓорѓиевска се наоѓа огромната обединувачка моќ на хуманоста и сочувството, но и големината и нескршливоста на човечкиот дух во безизлезни ситуации, а особено кога човек е исправен пред смртта. Вредноста на човечкиот живот, линијата меѓу моралното и неморалното и смислата на постоењето која произлегува од љубовта се дел од темите кои ги отвора оваа претстава.

- Оваа претстава ни нуди увид во комплексноста и важноста на индивидуалното искуство. Во време на колективна апатија и општествена разединетост, кога меѓучовечката комуникација е на најниско можно ниво, не ни останува ништо друго освен да прибегнеме кон ваквиот хуманистички, односно индивидуалистички пристап, да ги разбереме човековите емоции и мисли, дилемите и донесените одлуки и само на тој начин да го гледаме поединецот и неговата потрага по лична смисла и цел, пишува драматургот, Митоска-Ѓорѓиевска.

Она што е јасно е дека секоја војна е бесмислена, а цената која ја плаќа човекот е секогаш превисока. Во војна не може да има ниту љубов, ниту победа без трагични загуби и очај. Во таа смисла, не може да има чувство на славна победа во битка, ниту чувство на триумф или задоволство дека доброто преовладува и злото е поразено, додава таа.

Претствата е поддржана од Министерството за култура.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/05/2023 14:15