Светската кошаркарска федерација ФИБА денеска ги одреди термините и распоредот на натпреварите на претквалификациските турнири за место на Олимпијадата во Париз.
На турнирот во Талин, на кој ќе настапи македонската сениорска репрезентација, ќе има три натпреварувачки и еден слободен ден.
На 12. август, првиот натпреварувачки ден ќе го отвори мечот во кој домаќинот на турнирот, Естонија ќе игра против селекцијата на Чешка, а веднаш потоа македонските кошаркари ги чека дуелот со Израел.
Ден подоцна, на 13. август, во арената „Тондираба“, Северна Македонија одново ќе го игра вториот меч на денот, против домашната репрезентација на Естонија.
Наредниот ден, 14 август е предвиден како ден за одмор за сите четири репрезентации, пред она што следува како завршница на собирот во главниот град на Естонија.
На 15. август, во првиот термин ќе играат Северна Македонија и Чешка, а турнирот ќе биде затворен со средбата Естонија-Израел.
Првопласираните две репрезентации по трите натпреварувачки денови во групата „А“ во Талин, ќе обезбедат пласман во полуфиналната фаза која ќе се игра во полскиот град Гливице, каде во исто време се закажани натпреварите од групата „Б“ од европската зона.