Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта започна со реализацијата на манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта 2023“, оваа година посветена на јубилејот 35 години македонски јазик на универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта.

На 04.05 (четврток) во рамките на традиционалната „Словенска пролет“ организирана од Институтот за славистика и балтичка филологија при универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, студентите што ја следат наставата по македонски јазик пред своите колеги презентираа интересни податоци за обредите поврзани со празникот Ѓурѓовден кај Македонците и Едерлези кај Ромската заедница. Нивната презентација беше насловена „Ѓурѓовден/Едерлези (празник на сите)“ и предизвика огромен интерес кај студентите кои изучуваат словенски јазици на Институтот за славистика и балтичка филологија.

Во неформалниот дел од настанот, студентите и колегите имаа можност да дегустираа македонски вина и слушнат неколку македонски песни во изведба на музичкото дуоБудаПесме како најава за претстојниот концерт.

На 05.05 (петок) со настанот „Македонска вечер“ и официјално започна манифестацијата „Деновите на македонска култура во Будимпешта 2023“ организирана од Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта и Здружението на Унгарци на Македонија – Теледом, Скопје. БудаПесме (BudaPesme) одржа целовечерен концерт на македонска народна музика. Настанот се одржа во Három Szerb Kávéház,а просторот беше исполнет до последното место.

BudaPesme(БудаПесме) евокално-инструментално дуо во кое членуваат Вероника Варга и БенедекРети, кои ги поврзува љубовта и интересот за изворната балканска музика. Тие изведуваат музика од Македонија, Србија, Босна и Грција.

На почетокот, лекторот по македонски јазик Златко Панзов истакна дека се радува што веќе петта година по ред се одржува манифестацијата, која годинава започнува токму на Денот на македонскиот јазик и одбележува 35 години македонски јазик на универзитетот ЕЛТЕ, единствено место во Унгарија каде што може да се изучува македонски јазик, литература и култура.

Јожеф Шутуш, претседателот на Здружението на Унгарци на Македонија – Теледом, зборуваше за важноста на „малиот“ човек во приближување на народите, во овој случај Македонците и Унгарците, преку вакви настани, најчесто реализирани поради огромниот ентузијазам на инволвираните и независно од политичките прилики и неприлики.

Настанот предизвика голем медиумски интерес во Унгарија и не спласнуваат позитивните реакции и импресии.

Манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта 2023“ продолжуваа во септември со предавање и концерт на проф. д-р Горанчо Ангелов и серија на предавања од областа на македонската книжевност што ќе бидат објавени во двојазичен зборник во реномирана едиција Opera Slavica Budapestinensiaна универзитетот ЕЛТЕ од Будимпешта. Планирани се и две официјални посети на универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта и универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“ се одржуваа веќе петта година, организаторите дури и за време на пандемијата успеаја да организираат настани со присуство на публика во Будимпешта.

Лекторатот по македонски јазик на универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта успешно функционира веќе 35 години, а посебно е зголемен интересот и неговата видливост со доаѓањето на Златко Панзов како лектор по македонски јазик, познат во унгарската книжевна и културна средина како преведувач на унгарска литература на македонски јазик, промотор на унгарската култура во Македонија и врска меѓу двата народа.

Наставата по македонски јазик ја посетуваат околу 25-30 студенти во семестар, а во 2022 година во рамките на Институтот за славистика и балтичка филологија се предвидува формирање на Студиска група по македонски јазик што ќе претставува огромен исчекор во развојот на македонистиката во Унгарија.

Манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта 2023“ е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, Здружението „Вина од Македонија“ и амбасадата на Република Северна Македонија во Будимпешта, Унгарија.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/05/2023 20:35