Во Пехчево денес ќе се реализира настанот „Детска патувачка фолк библиотека – Фолконика“, кој е во организација на пехчевскиот Дом на културата „Јане Сандански“. Активноста се реализира во соработка со „Медиа Консалтинг“ и Фолконика, а истиот ќе се одржи во Домот на култура во Пехчево.
- На самиот настан, ќе играме и пееме македонски народни песни, а покрај дечињата поканети се и возрасните. Се радуваме на дружбата која ни претстои во општина Пехчево затоа ве покануваме да ни се придружите во 14 часот во Домот на културата, информираа организаторите.
Главна цел на настанот како што додадоа е на децата да им се пренесе културното богатство, народната фолк музика, фолклорот и традицијата.
- Во рамки на настанот предвидена е програма за децата, преку читање на музичка сликовница, народни песни, пеење и свирење, анимирање на децата за да се вклучат интерактивно во самата програма. Тие ќе имаат можност да се стекнат со нови едукативни содржини, на нов интересен начин, со дружење едукација и натпреварувачки дух, додадоа од „Фолконика“
Во целокупниот проект учествуваат докажани музички педагози, етномузиколози, инструменталисти и естрадни фолк уметници со богато професионално искуство.