Вработените во Македонската филхармонија на синоќешниот концерт насловен „ФИЛИЗ“, носеа жолти ленти, во знак на протест поради одлуката на Министерството за култура, новоформираниот Национален џез-оркестар институционално да се смести во зградата на Филхармонија. Тие најавија дека ќе носат жолти ленти и на следните концерти.

Пред почетокот на концертот, пред публиката се обрати Ана Кондратенко, концерт-мајстор во оркестарот, а истата порака на англиски јазик ја прочита и диригентот Џорџ Џексон од Англија.

- Нашата борба да си го зачуваме просторот за работа нема да запре сè додека не се промени одлуката за просторно сместување на уште една институција во објектот кој наменски е изграден за да ги задоволи потребите на вработените во Македонската филхармонија. Гордо сме исправени пред предизвикот, ќе истраеме во нашата борба! Тоа и го должиме на публиката, на нашите колеги кои никогаш немаа можност да отсвират ниту еден тон во новата сала, но и на сегашните и идните генерации кои ќе бидат дел од овој оркестар кој следната година прославува 80 години од формирањето. Музиката е единствена вистина за нас, таа е наша животна определба, а оваа сала е наш „втор дом“, гласеше пораката испратени до сите присутни на синоќешниот концерт.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/05/2023 12:16