Кошаркарите на битолски Пелистер втора сезона по ред ќе се обидат да го симнат од тронот актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром, откако синоќа по втор пат триумфираа над ТФТ Скопје и обезбедија пласман во финалето од плејофот во македонската Суперлига.

Во неизвесен натпревар Пелистер на гостувањето во Скопје го совлада ТФТ со 84-82 и со максимални 2-0 ја реши во своја корист полуфиналната серија.

Со идентични 2-0 во победи претходно МЗТ Скопје Аеродром беше поуспешен во полуфиналната серија против градскиот ривал Работнички.

МЗТ Скопје и Пелистер втора сезона по ред ќе играат во финалето за шампионската титула, во кое актуелниот бранител на трофејот лани триумфираше во серијата до три победи со 3-1.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/05/2023 10:30