Комисијата за доделување на наградата „Рациново признание“ за најдобро прозно остварување меѓу две Рацинови средби, во состав Јасминка Делова-Силјанова, Снежана Петрова-Џамбазова и Маја Апостолоска ги разгледа доставените 14 книги и водејќи се исклучиво од естетски критериуми,одлучи наградата „Рациново признание“ за најдобро прозно остварување да му ја додели на романот „Ако се родат некакви чувства“ на Блаже Миневски, соопшти на денешната прес-конференција во Спомен куќата на Рацин, Жарко Спасовски од Организациониот одбор на ЗГ „Плус публика.

Наградата на добитникот Блаже Миневски ќе му биде врачена на 15 јуни на свеченото затворање на Рациновите средби кои во Велес се одржуваат со богата програма од денеска до 15 јуни.

Како што се појаснува во образложението на Комисијата, посочениот роман се издвои од преостанатите книги со својата оригинална раскажувачка структура, умешното водење на приказната низ полифонијата на перцепциии, вештата игра со фактите и книжевната фикција.

Тој, велат, понуди интересна, несекојдневна и нестереотипна приказна и раскажувачка постапка и оттаму веруваат дека ќе го привлече вниманието на читателската публика и ќе влезе во значајните дела на македонската книжевност.

Воедно појаснија дека „Ако се родат некакви чувства“ е условно речено историски роман, односно роман кој јасно се повикува на историски личности и настани, но сепак инволвирањето на разните перцепции на фокализаторите во него, нивното интервенирање во историските факти и нивното емотивно доживување е показател дека тој нема намера да се обврзува кон вистината, историските учебници и колективното воспримање.

-Во неговото средиште е емотивната вивисекција на љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче, која ликот на фељтонистот треба да ја артикулира на хартија. Неговата намера е уметничка интерпретација на личните врски, тргнувајќи од идејата дека, иако императивот на бурните времиња му ги дава улогите на човекот: борец, комита, почитичар, тој, во суштина има свои примарни животни улоги, од коишто не може да избега и во таквите бурни времиња; тој е нечие дете, нечиј брат, нечиј пријател, нечиј љубовник, поради што тој добива свои уникатни црти издвојувајќи се од колективот. Иако стожерот на романот е љубовта на Гоце и Јанка, раскажувачот и особено ликот на Маја ѝ даваат универзална нота преку нејзината контекстуализација со љубовта на познати писатели во светската книжевност (Флобер, Мајаковски, Лермонтов, Кафка и тн.), како и со познати историски личности - македонскиот револуционер Никола Карев и учителката Коца Тасева-Хаџова и италијанскиот револуционер Џузепе Гарибалди и бразилската револуционерка Анита Гарибалди.Дополнително, ова е роман за земјата и љубовта и поврзаноста на Гоце Делчев со нив две, а третата нишка ја наоѓаме кон средината на книгата кога авторот ги повторува зборовите на Бајрон: И пријателството е љубов!, со што сугестијата на Делчев, ако загине во борба, да спои две свои сродни души, неговата вереница, Јанка Каневче и Михаил Герџиков, најдобриот пријател и соборец на Делчев, станува возможна само во случај „ако се родат некакви чувства“, посочија од Комисијата.

Вешто испреплетувајќи ги книжевниот, новинарскиот и научниот стил, Миневски успева фактографијата, фикцијата и емоцијата да ги обедини во безвремен роман чија универзалност надминува конкретен историски контекст и станува општоважечки и општоживотен. Живиот дијалог меѓу четворицата раскажувачи постојано го држи вниманието на читателот и отвора пат и за негово инволвирање во декодирањето на недокажаните или имплицитните претпоставки.

-Земајќи го сето ова предвид Романот „Ако се родат некакви чувства“ на Блаже Миневски со својата неповторливост и оригиналност го заслужува читателското и критичарското внимание, посочуваат од жири комисијата за Рациновото признание.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/06/2023 16:46