НУ Музеј Куманово во соработка со академските сликари организира хуманитарна онлајн продажба на уметнички дела за помош на малата Теодосија Лазаревска која е на лекување во странство.
Заинтересираните можат да ги купат уметничките дела преку задолжителна резервација на делото со контакт телефон на уметникот (впишан под секоја слика). Уплатата се врши на донаторска сметка „210-501733077127 НЛБ ТУТУНСКА БАНКА ЗА ТЕОДОСИЈА ЛАЗАРЕВСКА“, со доказ за извршена уплата приложена директно на уметникот, уметничкото дело може да се подигне.
Од музејот ги повикаа заинтересираните да ги разгледаат делата.
И кумановските гимназијалци по втор пат ја изведоа претставата „Тој мое срце лупа за тебе“ во режија на Евгенија Петрушевска, под менторство на професорката по македонски јазик Соња Тодоровска. Претставата е работена според филмот „Лаење на ѕвездите“. Собраните средства на иницијатива на учениците од „Гце Делчев“ ќе бидат донирани за лекување на малата Теодосија Лазаревска.
- Знаењето, хуманоста и креативноста отсекогаш биле одлики на нашите матуранти и на големите луѓе. Моите актери ја одушевија кумановската публика со својот талент, сериозност и емоција, нè насмеаја, нè замислија, нè пофалија за секоја лекција, за секој убав збор и за секој ден поминат во училишните клупи. Посебно сум горда на иницијативата која дојде од моите ученици сите средства собрани од билетите да ги донираме во хуманитарни цели, за Теодосија Лазаревска, изјави Тодоровска.