Со скок од 7,75 метри, македонскиот атлетичар, Андреас Трајковски, на Балканијадата во Краљево го освои 3. место во скок во далечина.

Сѐ до последната шеста серија, Андреас беше на првото место и на чекор до освојување на златен медал, но српските атлетичари, Страхиња Јованчевиќ (7,89 метри) и Лазар Аниќ (7,78 метри), се најдоа на првите две места, благодарение на нивните најдобри скокови во последната серија

Ова е уште еден одличен успех за македонскиот спорт и Андреас. Ова е негов втор бронзен медал од Балканијадите, првиот го освои на Балканијадата во сала во 2022 година.

- Многу сум среќен поради мојот бронзен медал од Балканското првенство во Краљево, но се надевав дека ќе победам, затоа што бев во водство во првите пет серии. Мојата форма е константна и никогаш досега во кариерата не сум бил вака подготвен. Среќен сум што ѝ донесов медал на Македонија и што покажав дека сум меѓу најдобрите скокачи во Европа. Продолжувам и понатаму со засилено темпо и кон нови успеси и победи,“ изјави Андреас по освојувањето на бронзениот медал.

Медалите на најдобрите скокачи им ги додели Европскиот рекордер во скок во далечина, Роберт Емиан.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/07/2023 16:43