- Македонскиот возач Ристо Вуков ги освои првите бодови во Порше Суперкуп на трката возена на патеката Хунгароринг.

По проблематичниот старт на сезоната во кој најпрво се откажа трката во Имола, проследен со излетувањето во Монако и дефектот на моторот во Австрија, Вукор конечно стигна до бодови по трката во Унгарија.

- Сите спортисти се соочуваат со разни проблеми во своите кариери, така и во мојот случај искушението беше големо. Благодарение на тестирањата што претходно ги имав на оваа патека, бев во можност тука да го дадам најдоброто од себе. Знам дека можев уште подобро бидејќи се соочивме со проблем во квалификациите кога поради дождот што го изми асфалтот, целата работа околу сетирањето на автомобилот на тренинзите беше загрозена, а сличен проблем се покажа и во квалификациите што се возеа во Формула 1. Минатата година мојот тим не учествуваше во Порше Суперкуп и инженерите немаа претходно искуство на оваа патека, па тоа се одрази на пласманот на 21 место на стартот. Сепак, стабилните временски услови потоа овозможија да се вратиме во ритам и автомобилот беше многу подобар во трката, а тоа ми дозволи да напредувам до 14 место и да освојам поени. Горд сум на фактот дека сум прв Македонец што го постигнал тоа, но моите аспирации се повисоки, изјави Вуков.

Во текот на трката, Рико имаше дуел со поранешниот Ф1 возач, Тимо Глок, што успеа да го добие, а на крајот доцнеше нешто помалку од девет секунди зад победникот во трката, што дава јасна слика за изедначените перформанси.

Идниот викенд на програмата е гран при викендот во Белгија, на патеката Спа Франкоршамп, со што започнува втората половина од шампионатот. До крајот ќе има уште две трки на Зандворт во Холандија и финалето во Монца на почетокот на септември.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/07/2023 19:11