- НУ „Завод и музеј Струмица“ почна со реализација на проектот за осовременување, реконструкција и непосредната заштита на Меморијалниот музеј „Благој Јанков-Мучето”, родната куќа на народниот херој.
Според информацијата од оваа институција, овој проект е изработен согласно најсовремените методолошки постапки поврзани со музејската презентација, како и со современиот технолошки развој.
- Во неговата содржинска структура е застапено изработка на идејни решенија за осовременување, реконцепција и збогатување на постојната музејска поставка со нови витрини за експозиција на музејски предмети, документи, спомен бисти, фотографии, пригодни текстови на македонски и англиски јазик, понатаму определување посебни места за вградување монитори потребни за видео и филмски презентации поврзани со револуционерното дело на Благој Јанков Мучето и со НОВ и антифашистичката борба во Македонија пред и во текот на Втората светска војна, стои во информацијата.
Ќе се врши и осовременување на системот за осветлување и тоа внатре во самиот објект, но и надвор. Предвидено е набавка на камери за набљудување и заштита, изработка на флаери и друг музејски материјал неопходен за презентација и популаризација на културно-историското наследство и Меморијалниот музеј.
Реализирани се и конзерваторски истражувања кои се преточени во посебен конзерваторски проект поврзан со преземање мерки за непосредна заштита на заштитеното недвижно добро: санација на фасада, реконструкција на постојнитете или замена на прозорци, врати, подна површина, уредување на дворното место кое треба да израсне во посебно катче за одржување разни манифестации на отворено. Во дворното место, пак, постои посебен објект со помали димензии за кој е предвидено негово преуредување во посебен простор за одржување научни конференции, состаноци, трибини, кое ќе се реализира наредната година.