Британскиот кинематографер Питер Бижу ќе ја добие наградата за животно дело „Златна камера 300“ на 44. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, кој ќе се одржува од 23 до 29 септември под мотото „Прекрасното на непознатото“ (The Beautiful Unknown). Актерката и продуцентка Лабина Митевска, пак, е годинашна добитничка на „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ – награда која Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) ја доделува од 2013 година.

Кинематограферот на „Девет и пол недели“,„Мисисипи гори“ – награден со Оскар во 1988, „Животот на Брајан (Монти Пајтон)“, „Временски бандити“, „Неверниот“, „Штета“, „Пинк Флојд: Sидот“ „Труманово шоу“ – филм со кој во 1998 го крунисува својот опус, кој соработува со култни режисери и од чии филмови се откриени големи филмски ѕвезди, како Жаклин Бизе, Ким Бесинџер и Џоди Фостер (од соработката со режисерот Алан Паркер), ќе дојде во Битола да ја прими наградата за животно дело.

На првата од трите прес-конференции пред почетокот на новото фестивалско издание, директорот на ИФФК Симеон Мони Дамевски рече дека Бижу, кој е во пензија од 2004 година, го планирале за оваа награда пред две години, но тогаш оскаровецот бил спречен да дојде поради болест.

-Познатиот велшки кинематографер Питер Бижу е еден од великаните на британската кинематографија. Во неговите филмови играат неверојатни ѕвезди и неговите филмови откриваат неверојатни ѕвезди, рече Дамевски.

Фестивалот годнава, рече, е „многу голем и многу ѕвезден“, најавувајќи дека ќе има двајца оскаровци и двајца номинирани за Оскар.

Претседателот на ДФРМ Игор Иванов-Изи ја соопшти наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ и рече дека одлуката да и биде доделена на Лабина Митевска ја донеле едногласно. Митевска има 30-ина улоги и вредни копродукции, ги продуцира филмовите на сестра и Теона Митевска и се постојано присутни на најголеми филмски светски фестивали.

-Се појави многу мала на филмското платно и маѓепса со својата фотогенијалност. Играше во најзначајните остварувања во националната кинематографија и во многу значајни филмови надвор од Македонија, во два филма на Мајкл Винтерботом, на пример, и во други европски филмови... Значајна е и нејзината контрибуција за улогата на жената во македонскиот филм и култура воопшто, и на повисоко, европско ниво. Несомнено заслужува да биде впишана меѓу големите ѕвезди на македонскиот филм, рече Иванов-Изи. ИФФК ќе има два македонски филма, од кои едниот ќе биде прикажан по свеченото отворање - „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски. Кинематографер е Наум Доксевски, а продуцент Марија Димитрова (Лист продукција). Филмот на Столевски е баран по светските фестивали и е откупен од Универзал студио за дистрибуција во САД. Шестдневната програма на фестивалот „Браќа Манаки“ ќе биде соопштена на наредните прес-конференции, како и добитниците на специјалните награди „Камера 300“. Директорот на ИФФК Дамевски рече дека годинава во претселекција и со објавен отворен повик имале „огромен наплив на филмови’ во четирите програми, а селекторите, како што рече, го избрале кремот од поголемите фестивали. Годинава има нова програма, надвор од натпреварувачките - „Special selection“ со гости од филмски екипи и четири македонски копродукции кои не можеле да бидат вклучени во натпреварувачката програма која има 12 филмови. -На наредната прес-конференција ќе ги соопштиме сите наслови. Имаме 71 филм кои ќе одат во две киносали во Битола. Мораше да ги молиме селекторите да отфрлат понекој филм зашто нема каде да ги прикажеме. Фестивалот ќе има огромен број мастеркласови и неверојатни филмски професионалци – од најѕвездени, до оние кои сега се пробиваат во светот на филмот, речедиректорот на ИФФК.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/08/2023 19:29