Јубилејното 35. издание на интернационалниот поетски фестивал Поетска ноќ во Велестово синоќа беше отворено пред рекорден број посетители.

Во фокусот беше македонската поезија пишувана од жени. Беше промовирана книгата „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“, а настапија: Весна Ацевска, Виолета Танчева-Златева, Лидија Димковска, Снежана Стојчевска, Љубица Шопова, Сузана Мицева, Павлина Атанасова и Марија Велинова.

Следуваше интернационално поетско читање на кое настапија: Феликс Шилер (Германија), Шпетим Селмани (Косово), Албан Туфа (Албанија), Марија Костиќ (Србија) и Перица Сарџоски (Македонија). Потем беше отворена и изложбата „Минливост“ на уметникот Тони Попов во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица.“

На програмата на фестивалот за денеска е предвидена промоцијата на книгата: „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“, од приредувачите Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, како и интернационалното поетско читање „Поезија ‒ Залез“. Настаните се закажани за 17:00, односно 18:00 часот во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид.

Фестивалот го овозможија: Општина Охрид, РЕАД (Регионална Мрежа за Културна Разновидност) и Европската Унија, Министерството за култура и Комерцијална банка.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/08/2023 21:17