Националната установа Центар за култура-Битола ја утврди есенската програма за културни настани во која се содржани концерти, фестивали, изложби и други манифестации.
Серијалот почнува со предпразничен концерт на битолчанецот Крсте Роџевски кој ќе се одржи на 7 септември, а најголемиот музички спектакл се очекува да го приреди словенечката авангардна група Лајбах која во Битола ќе гостува во ноември, најави Маја Андоновска Илијевски, директорка на НУ Центар за култура-Битола.
-Подготвуваме концерт на битолчанецот Крсте Роџевски, познат македонски пејач, гитарист и композитор, човек кој повеќе од 20 години живее во Њујорк. Тој по подолго време ќе има солистички концерт во Битола, и со него симболично ќе започнат нашите есенски активности. Спектаклот го очекуваме на фестивалот Музика од светот за кога веќе потпишавме договор за настап на словенечката авангардна група „Лајбах“. Ние сме дел од нивната есенска, светска турнеја, и се наоѓаме на мапата на нивната турнеја заедно со 20 други градови, меѓу кои Лондон, Амстердам, Малме, Прага…Со „Лајбах“ по контакти што ги остварив, потпишавме договор за настап во Битола, а тие на нивниот спот за претстојната турнеја, ја најавија и Битола, посочи Андоновска Илијевски.
Според есенската програма на НУ Центар за култура-Битола, во септември концерт ќе одржи Камерниот оркестар, од 23 до 29 септември ќе се одржи ИФФК „Браќа Манаки“, во октомври ќе бидат отворени ликовни изложби на уметниците Драган Најденовски и Димитар Кочевски Мичо, истиот месец ќе се одржи фестивалот „Интерфест“ на класична музика, а во ноември е закажано 15. издание на фестивалот Музика од светот.