Конгресот на Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) избра нов претседател на организацијата за претстојниот циклус 2023-2027 година. Станува збор за шеикот Сауд Али Ал Тани, кој ќе го замени Хамане Нинга. Тој беше избран едногласно на денешниот Конгрес во Манила.
-Чест ми е што ја преземам оваа одговорност. Чест е и за Катар и за нашиот азиски континент. Сега ги застапувам интересите на сите 212 национални федерации на сите континенти. Кошарката е глобален спорт и таа е нашата најважна сила. Денеска можам да дадам само едно ветување: посветено ќе работам со челниците на ФИБА и со целиот централен совет за доброто на кошарката и организацијата, изјави Ал Тани.
Во претходниот циклус Ал Тани беше потпретседател на ФИБА и беше претседател на ФИБА за Азија од 2002 година. Тој беше и претседател на Катарската кошаркарска федерација и потпретседател на Олимпискиот комитет на Катар.