Третото издание на Фестивалот на нем и класичен филм започнува денеска и ќе трае до 4 септември во Кинотека.
Како што пишува на официјалната веб - страница на Кинотека, фестивалот ќе започне со претфестивалска проекција на документарниот филм „Адио југофуилм, адио југофестивал, адио Југославија... се гледаме во следната војна“ на хрватскиот актер и режисер Игор Гало, кој годинава ќе гостува на фестивалот и пред проекцијата ќе зборува за своето творештво, но и за темата на неговиот филм – историјата на Филмскиот фестивал во Пула.
Официјалното отворање на фестивалот ќе биде утре со проекција на немиот филм „Калабака: Тајните на непознатата европа“ од 1928 година што претставува еден вид кинематографски извештај за една експедиција на Балканот. Неговата проекција е во соработка со „EYE Filmmuseum“ од Амстердам, а како дел од таа соработка публиката, исто така, ќе може да го проследи и филмот „Брилијантниот биограф: Најраните подвижни слики на Европа (1897 – 1902)“ – компилација на филмови од најголемата зачувана збирка на „Мутоскоп и Биограф“ во светот.
- За нас е особено значајно што оваа година гостинка на фестивалот, покрај Гало, ќе биде и Елиф Ронген-Кајнакчи, куратор на неми филмови во Eye Filmmuseum oд Амстердам. Таа ќе одржи и две работилници – едната за идентификација на неми филмови, а другата за платформата за музички партитури за неми филмови – Eye Film Player – која неодамна холандскиот филмски музеј ја направи достапна за јавноста, пишува на веб - страната на Кинотека.
Покрај овие проекции, во соработка со ГЕТЕ-институтот во Скопје, дел од фестивалската програма ќе биде циклусот филмови на германскиот режисер Волкер Шлондорф.
Од депоата на Хрватската кинотека при Државниот архив на Хрватска, македонската публика ќе може да проследи три циклуси на кусометражни филмови: анимираните филмови произлезени од Студиото за анимиран филм на „Загреб филм“, потоа документарни и кратки играни филмови од хрватски автори, како и циклусот неми филмови во режија на хрватскиот филмски пионер Октавијан Милетиќ. Во рамките на оваа програма, гостин на фестивалот ќе биде и Јурај Кукоч, филмски архивист и филмски критичар од Загреб.
На фестивалот ќе бидат прикажани и неми и класични филмови од архивот на Кинотеката. Музичката придружба на немите филмови ќе ја изведува македонскиот џез-пијанист, аранжер и композитор Гордан Спасовски.
Фестивалот ќе се затвори со проекција на ново-дигитализираниот македонски филм „Мементо“ од 1968 година во режија на Димитрие Османли, кој годинава беше дел од проектот „Сезона на филмските класици“, организирана од АЦЕ (Асоцијација на европските кинотеки) и кој ќе биде прикажан во рамки на Ретроспективата на југословенскиот филмски црн бран со наслов „Од црн бран до бел зрак“ која ќе се одржи во Музејот на модерна уметност (МОМА) во Њујорк.