На втората вечер од фестивалот „Џез, world и современа музика“ која е посветена на современата музика, во 20 часот, во големата сала на тетарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, ќе настапат “КЕМ” и “Пијан Славеј”. По завршувањето на концертите, на паркингот на театарот ќе настапи Андреја Салпе со DJ set, кој ќе биде пропратен со видео мапинг на Борче Конзулов.
Фестивалот започна синоќа со џез музика, и настапот на “Reel Problems” од Хрватска, кој беше награден со долг и силен аплауз од публиката. Бендот го сочинуваат Крунослав Левачиќ на тапани, на контрабас Ивар Робан Крижиќ, на тромбон Лука Жужиќ и на саксoфон Марио Бочиќ.
Во разговорот за МИА по концертот саксoфонистот на групата Бочиќ изјави дека ова е вторпат да настапат во земјава. Пред четири години биле на „Прилеп џез фестивал“.
-Публиката е одлична, театрот ви е врвен, звукот во театарот е одличен, акустиката совршена, а ние уживавме во концертот, вели Бочиќ.
Настапија, како што вели, со импровизирана музика без никакви подготовки и договори.
-Исто како кога ќе станеме наутро и како што животот тече, така ние ги земаме инструментите и почнуваме да свириме. Па каде тоа ќе не одведе, ќе не одведе. Се следиме еден со друг, некогаш се спротивставуваме, некогаш разговараме низ инструментите, а некогаш се шегуваме, така што сите можности се отворени, појаснува Бочиќ.
Тој вели дека нивната музика е необична исто каков што е животот, има убави и лоши моменти.
-Тоа е цела лепеза на чувства, таква е и нашата музика. Не планираме ништо, како ќе се случи така . Добра работа е што сите членови на групата слушаме некоја слична музика и тогаш знаеме да комуницираме на тој начин. Инаку јас и Лука свириме во џез оркестар. Крунослав Левачиќ е легенда на хрватскиот џез на тапани и настапува и во странство. Ивар Робан Крижиќ исто така работи на докторат во Виена. Лука и јас завршивме во Грац. Веќе долго свириме заедно и снимивме албум пред четири години појаснува Бочиќ.
Тој ја сподели и нивната интересна приказна за албумот. Ја снимиле музиката, нивниот продуцент требало материјалот да го миксува и заминал на море. Но гром удрил во куќата и го изгорел хард дискот од компјутерот по што се’ се избришало. Тогаш отишле во клубот и албумот го снимале поворно, но во живо и сето тоа го ставиле на плоча.
-Ние сите четворица знаеме да свириме класика. Но овде во групата низ нашата музика не знаеме каде ќе не одведе приказната. Ние денеска на овој концерт ви раскажавме што сме доживеале во изминатите неколку дена, каков ни беше патот, што јадевме и дали ни се допадна на патот. Раскажавме низ музиката како беше на границата, дали беше метеш и и густ сообраќајот, ...,сето тоа ние се обидовме да ви го доловиме преку инструментите и како се чувствуваме. Беше и убаво, но бевме и со некакви нервози, ни беше жешко, не болеа нозете, но свиревме од срце, а не со ум, потенцира Марио Бочиќ.
Зимава ќе настапуваат во Загреб, но сега, како што вели, им е малку тешко бидејќи немаат џез клуб.
-Фестивалите скоро сите ги отсвиривме, па што ќе биде понатаму ќе биде. Исто како и нашата музика, оставаме се на вселената да не извести и да ја реши работата, вели Бочиќ.