Обезбедувањето на УС Опен претпладнево отстрани од трибините еден гледач на барање на германскиот тенисер Александер Зверев, кој му се пожали на судијата дека лицето ја изговорило „најпознатата фраза на Адолф Хитлер“.
Зверев сервираше при резултат 2-2 во четвртиот сет на дуелот против Италијанецот Јаник Синер, кога одеднаш се упати кон судијата и покажа со прст кон навивачот кој седеше во првите редови.
„Само што ја изговори најпозната фраза на Хитлер во историјата. Тоа е неприфатливо“, рече Зверев.
Судијата го замоли навивачот да се идентификува и ја повика публиката да ги респектира двајцата играчи. Набрзо потоа, гледачите кој седеа во близина на навивачот самите го идентификуваа и со асистенција на обезбедувањето лицето беше отстрането од трибините.
„Почна да ја пее химната на Хитлер. Тоа е премногу“, изјави Зверев по натпреварот кој по долга борба и четири часа и 40 минути тенис на крајот го совлада Синер со 3-2 во сетови.
„Сакам кога навивачите се гласни, сакам кога се емотивни. Но, јас сум Германец и не сум горд на тој дел од нашата историја. Седеше во првиот ред и многумина го слушнаа. Морав нешто да преземам, ќе беше лошо ако тоа не го сторев“, додаде Зверев, кој во четвртфиналето на грен – слем турнирот во Њујорк ќе игра против Шпанецот Карлос Алкараз.