Македонската одбојкарска репрезентација со пораз ја заврши групната фаза на Европското првенство, откако вечерва загуби од Чешка со 3-0 во последниот натпревар во групата Ц која се играше во Скопје.
Бодрени од неколку илјадната публика во СЦ „Борис Трајковски“, македонските одбојкари влегоа во натпреварот мотивирано и борбено, но го загубија првиот сет со 19-25.
Борбеноста на „црвено – жолтите“ не изостана и во вториот сет, во кој иако постојано беа во резултатска негатива, при водство на Чесите од 24-22 ја спасија првата сет – топка, но не го искористија следниот напад и го загубија сетот со 23-25.
Чешкиот напад функционираше беспрекорно во првите два сета, а во ист стил противникот продолжи и во третиот, кој на крајот го реши во своја корист со 25-17.
Најефикасен во македонскиот состав беше капитенот Никола Ѓоргиев со 16 поени.
Македонските одбојкари со ефект од две победи и три порази го освоија четвртото место во групата Ц и изборија историски пласман во осминафиналето, во кое в сабота во Бари ќе играат против дмаќинот Италија како првопласирана во групата А.