Работилница за креативно пишување, насловена „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“, во организација на неформалната група „Дума ин Сума“, ќе се одржи денеска и утре во Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“.
Работилница е наменета за лица од 15 до 19 години. Бројот на учесници е ограничен, а заинтересираните можат да се пријават на следниот линк – https://forms.gle/PQWEZHLCM9AL88rGA
- Ѕвончето веќе заѕвони за првиот час, ајде пак да се дружиме на кирилица. Како продолжение на работилницата „Пиши-бриши … само не оставај на seen“, овојпат ќе создаваме свои светови и ликови, користејќи дигитални алатки и еден тон имагинација. Сигурни сме дека ги прочитавте лектирите, па ајде да откриеме интересни писател(к)и, велат од неформалната група „Дума ин Сума“, создадена од компаратистките Ивана Смилевска и Марија Бошковска, заедно со младиот визуелен уметник Дарко Алексовски.
Првиот ден од работилницата учесниците ќе го поминат во истражување на современа македонска книжевност, ќе разгледаат различни уметнички форми и ќе користат слики како инспирација за креативно пишување.
- На вториот ден од работилницата, ќе ги оживееме нашите книжевни ликови и ќе печатиме мали книгички – зинови. Мала книгичка, или фанзин е неофицијално издание создадено ентузијастички и панкерски, по „направи сам“ техника, а обработува одреден културен феномен, како на пример литературен или музички жанр. Фанзините се користат за споделување идеи и креативно изразување, појаснуваат организаторите на настанот.
Работилницата е дел од јавниот конкурс „Цртај на македонски јазик“ 2023, објавен од Министерството за култура.