Поранешниот американски кошаркар Брендон Хантер, кој во својата кариера настапуваше за НБА екипите Бостон и Орландо, почина во вторникот на 42 годишна возраст, јавија денеска американските медиуми.
„Сите сме шокирани. Брендон беше во добра форма“, изјави неговата свекрва Керолин Клејт за телевизијата Ен-Би-Си Њуз.
Хантер мина четири сезони во Универзитетот Охајо, по што дебитираше во НБА лигата во дресот на Бостон, а следната сезона настапуваше за Орландо.
Кариерата ја продолжи во Европа, настапувајќи за екипи од Италија, Грција, Турција и Израел, а ја заврши во 2013 година во Уругвај.
„Беше најдобриот играч со кој сум имал среќа да тренирам. Беше одличен на Универзитетот Охајо, а потоа продолжи да игра во НБА за Бостон и Орландо, потоа со успех во Европа, пред да започне успешна кариера како спортски агент. Останавме во контакт низ годините и бев неверојатно горд на тоа каков сопруг, татко и граѓанин стана Брендон. Молете се за неговото семејство“, објави на Фејсбук неговиот поранешен тренер од универзитетските денови Тим О’Ши.