Античкиот олимписки стадион „Панатенаик“ во центарот на Атина, познат и под името Калимармаро, викендов, за првпат во историјата, е домаќин на тениски натпревари, што се играат во рамките на Дејвис купот меѓу Грција и Словачка, јави дописничката на МИА од Атина.
Стадионот на кој во 1896 година се одржаа церемониите на отворањето и затворањето на првите модерни Олимписки игри, денеска е адаптиран со поставен терен за тенис, нешто што позитивно го коментираа тенисерите од грчката репрезентација, меѓу кои и Стефанос Циципас, истакнувајќи дека ќе имаат уникатно искуство.
Во текот на викендот Грција и Словачка ќе одиграат вкупно пет натпревари, четири сингл и еден во двојки.
Натпреварите започнаа утрово со дуелот меѓу Александрос Скорилас и Алекс Молкан, а потоа ќе следи и дуелот меѓу Стефанос Циципас и Лукаш Клеин.
Утре е натпреварот во двојки, а потоа и останатите два сингл натпревари.
На вчерашната прес-конференција во пресрет на Купот, број пет рекетот во светот, Циципас рече дека е задоволен и од теренот и од стадионот, истакнувајќи дека е во ист стил како и Австралија Опен.
-Многу е убаво чувство да играш на еден ваков стадион. Имав можност како турист да го посетам пред неколку години и кога бев мал за време на училишни екскурзии, па така, да играм на овој стадион, за мене е нешто многу посебно, рече Циципас.
Се осврна и на актуелната ситуација во Грција, велејќи дека ќе играат за сите оние „кои беа погодени од пожарите и поплавите во изминатите месеци во земјата“ и додаде дека тоа за нив ќе биде дополнителен мотив за да дадат сѐ од себе.
Задоволство изразија тенисерите од грчката репрезентација, меѓу кои и Стефанос Циципас, за одлуката натпреварите со Словачка во првата група од Дејвис купот да се играат на античкиот олимписк
Селекторот на грчката репрезентација Апостолос Циципас побара поддршка од гледачите да дојдат на стадионот да ја бодрат репрезентацијата, бидејќи навивачите се „дополнителна сила за играчите“.
-Како што кажа и Стефанос поминуваме тешки моменти, а во овие тешки моменти особено за Тесалија, важно е да бидеме сите обединети, рече селекторот.