КУД „Кирил Пејчиновиќ“-Теарце прв пат организираше мултиетнички концерт со настап на повеќе културно уметнички друштва кои го негуваат фолклорот на народот на кој припаѓаат.

КУД „Кирил Пејчиновиќ“ синоќа во Теарце се претставија со кореографиите на македонските народни ора „Водарки“, „Посеље“, „Поречки игри“ и орото „Елено Моме“, додека гостите КУД „Џеладин Зеќири“ се претставија со кореографијата „Паварасиа“ (Независност), а членовите на КУД „Теута“ со албански традиционални песни.

- Ова е прв пат за нас како КУД „Кирил Пејчиновиќ“ да организираме мултиетнички концерт и со задоволство можеме да кажеме дека сите треба да се стремиме што повеќе вакви концерти да се организираат бидејќи само преку културата можеме заедно да се зближиме и да се почитуваме, истакна Гоце Симјановски, претседател на КУД „Кирил Пејчиновиќ“ – Теарце.

Покрај мултиетничкиот концерт на манифестацијата се организираше Саем на традиционална домашна традиционална храна и рачни изработи каде што се претставија традиционални јадења карактеристични за Полошкиот регион, како што се комат, зелник, топеница, пита, гурабии, тавче гравче, парени колачи, но и познатото тетовско јаболко, домашни рачни изработки кои се изработувале пред многу години. Мултиетничкиот концерт и Саемот беа организирани од КУД „Кирил Пејчиновиќ“ – Теарце, а финансиски поддржани од страна на Европската Унија.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/09/2023 10:54