- Излезе од печат книгата раскази „Сезона на глуварките“ од Блаже Миневски објавена на хрватски јазик во издание на „Тим пресс“ од Загреб, со превод од македонски на хрватски, на Томислав Ровичанец. Расказите се преведени со поддршка на Европската преведувачка мрежа „Традуки“.

-Станува збор за антологиска проза на универзален автор, не затоа што истовремено пишува романи, раскази, драми и есеи, не затоа што неговата проза спојува историски, психолошки и политички состојби, туку затоа што е повеќеслојна и со мноштво пораки, стои во најавата на хрватскиот издавач.

Миневски е автор кој иронизира без зајадливост, хроничар на балканскиот микрокмосмос во ерозија и неговите беспомошни трагачи по сеопшта правда и божја милост. Неговата имагинација е богата и раскошна и расказите се движат од реалност до фикција, од репортажа и фељтон до омајна проза, па затоа кај него ништо не е како во стварноста, иако сѐ е преземено од неа.

-Како еден од најавтентичните автори на Балканот, тој сосема уверливо го потврдува своето високо раскажувачко реноме и со оваа книга, збогатувајќи ја европската книжевна ризница со врвно прозно дело, стои во информацијата на издавачката куќа „Тим пресс“ од Загреб, која во истата едиција ги има објавено и Емберто Еко, Мишел Зинк, Ерика Фатлан, Сагри Санберг, Слободан Шнајдер, Томас Снегаров, Ари Тарунен, Џорџ Штајнер и други.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2023 01:03