- Во Кинотеката денеска и утре со почеток во 19 часот ќе се одржува 9. Меѓународен фестивал на етнографски филм - ЕТНОФФ, кој годинава ќе прикаже десет филма од Португалија, Белгија, Унгарија, Бугарија, САД, Словенија и од нашата земја.

-Овој фестивал, кој почна со студентски ентузијазам, веќе девет години ни носи различни приказни од целиот свет, соопшти организаторот на фестивалот - Македонското студентско етнолошко друштво.

Филмската програма ќе биде надополнета со три изложби на Центарот за интердисциплинарни активности 2023: „Извор“ – изложба на аналогна црно бела фотографија на Сара Луческа, „Фреквенции“ – изложба во техника марбл инк, акварел и акрил на Марина Рмуш и „Време“ – колекција на фотографии на Ангела Здравковска.

Во рамки на фестивалот, утревечер од 19 часот предавање ќе одржи Билјана Јуруковски-Миленковска македонско-австралиска фотографка чии дела ја регистрираат културата и секојдневниот живот на помалку познати заедници од светот, како народот Сури од Африка. Нејзини фотографски дела се објавувани во National Geographic и во други престижни списанија.

Организаторот соопшти дека влезот за посетителите на фестивалот е бесплатен.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/09/2023 10:11