Претпоследното 8. коло од Светското екипно првенство во шах за сениори донесе нов триумф за тимот на Алкалоид во категоријата на играчи над 50 години, при што овојпат е совладана селекцијата на Канада.

Три партии завршија со поделба на поенот, а една со победа на ВМ Трајко Недев, со што беше обезбедена и победата на вчерашниот меч со Канаѓаните.

Ремизираа Кирил Георгиев, Звонко Станојоски и Роландо Кутиров.

- Ја добивме екипата на Канада со 2,5 : 1,5. Очекувавме повеќе, но на победата не ѝ се гледа в заби. Во следното коло играме со третата селекција на Англија и со нова победа ќе го одржиме местото на кое сме сега на табелата. Во добра тимска атмосфера и во одлично расположение го чекаме последнот меч, изјави капитенот на ШК Алкалоид, Драган Јаќимовиќ.

Во вчерашното коло и македонската репрезентацијата на слепи и слабовидни шахисти ја совлада Шведска со 2,5 : 1,5 во категоријата на играчи над 50 години.

На табелата водат репрезентациите на САД и на Италија со по 13 бода, Исланд и Англија 1 имаат по 12 бода, додека, пак, Алкалоид е петти со 10 бода.

Репрезентацијата на ветерани (играчи над 65 години) беше поразена од Австрија со 3 : 1, а утре ќе игра со Ирска, при што има изгледни шанси за нова победа во дуелот со Ирска.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/09/2023 18:03