– По јубилеен 20. пат се одржа меѓународниот карате турнир Тетово Опен 2023 во организација на карате клубот Фати. На поканата на организаторите се одзваа и присуствуваа над 550 каратисти од 65 клубови од Македонија, Косово, Црна Гора, Србија, Албанија и Бугарија.
На свеченоста, турнирот за отворен го прогласи градоначалникот на Тетово, Биљал Касами. Тој посочи дека турнирот претставува голема чест и задоволство со оглед на тоа дека голем број млади луѓе кои се занимаат со спорт дошле во Тетово.
-Во денешно време кога најголем предизвик ние нашите деца да ги натераме да излезат надвор и да се занимаваат со спорт, да организираш ваков меѓународен турнир е повеќе од голема мисија, повеќе од голема активност за која треба да се даде пофалба, за Арлинд и за сите организатори на овој турнир. Како градоначалник можам да кажам дека во следните години Тетово ќе биде до нив за да им помогне за да овој турнир да биде уште помасовен и повисоко да рангира на светските арени, истакна Биљал Касами.
Масовното учество на каратисти од регионот е најубав начин да се прослави 20 - годишниот јубилеј, вели претседателот на КК Фати, Арлинд Хусеини.
- Многу сум задоволен од присуството на бројот на над 550 каратисти од 65 клубови. Ќе продолжиме и понатаму да го организираме, имаме масовност и има зошто да се организира. Дваесет години труд, заедно со многу соработници што го сакаат спортот. На секакви начини помагаат да го организираме овој настан. Како клуб имаме во изминатите години добиено пет златни медали на Европски првенства и голем број сребрени медали како кај сениори, така и кај јуниори и кадети. Така да сме сериозен клуб и неслучајно турнирот е масовен, истакна Арлинд Хусеини.
Турнирот се одржа во спортската сала на медицинското училиште „Никола Штејн“ во Тетово.