По повод тридецениското постоење на „Македонски глас“, списанието на Заедницата на Македонците во Република Хрватска, на 13 октомври во Трибина на Град Загреб ќе се одржи свеченост на која се најавени видни личности од политичкиот, општествениот и културниот живот во Хрватска, меѓу кои претставници на претседателот на државата, Хрватскиот сабор и Владата, како и Македонци кои се вклучени во работата на списанието и негови читатели.
-Оваа значајна годишнина претставува долгогодишна заложба за зачувување на македонската култура, јазик и традиција во Хрватска, вели за овој значаен јубилеј главната и одговорна уредничка, Милена Георгиевска.
Таа посочува на историскиот момент кој нѐ потсетува на важноста на медиумските платформи кои го одржуваат и негуваат културното наследство и единството меѓу различните заедници.
-Списанието беше сведок на многу промени како во Македонија, така и во Хрватска и го следеше развојот на односите меѓу двете земји, потсетува Георгиевска.
Сите овие 30 години списанието е столб на заедништво и промотор на македонската култура во Хрватска, вели главната уредничка која посакува „Македонски глас“ да ја продолжи својата вредна мисија и во годините што доаѓаат, чувајќи и ширејќи го богатото наследство на македонската заедница.
Меѓу бројните честитки упатени на адресата на Заедницата на Македонците во Република Хрватска по повод големиот јубилеј е и онаа на претседателот Стево Пендаровски, кој посочува дека во текот на тридецениското постоење „Македонски глас“ прерасна во респектабилно списание кое навремено и квалитетно информира за активностите на Македонците во Хрватска и ревносно придонесува за афирмација и промоција на македонската традиција и култура.
Претседателот на Заедницата на Македонците во Република Хрватска, Илија Христодулов, посочува дека иницијативата за издавање на сопствено списание „Македонски глас“ е историски настан за севкупното македонско национално малцинство во Република Хрватска, а и пошироко.
-Тоа е нашиот македонски незаборав како аргумент дека иако далеку од родните огништа и расфрлани по сите страни на светот, нашите срца и мисли се постојано поврзани со милата ни татковина. Така нѐ учеше македонскиот апостол, личноста на 20. век, Крсте Петков Мисирков, вели Христодулов.
Тој упати благодарност до Владата на Република Хрватска и Советот за националните малцинства за нивната немерлива помош и нивното редовно кофинансирање на програмските активности на Заедницата на Македонците во Република Хрватска, до сите досегашни главни и одговорни уредници, нивните заменици и редакциски одбори, дописници, фоторепортери, печатници, како и до сите останати кои што на било кој начин придонесувале и придонесуваат за успешна реализација на списанието „Македонски глас“