После преполниот Киноверзум во Штип и македонската премиера на најновиот филм на Јани Бојаџи, „Кино Љубов“ тргнува на македонска турнеја.

Досега потврдени датуми за градските премиери на „Кино Љубов“ се следните: 18 октомври, Радовиш, Центар за култура 19 октомври, Пробиштип, Центар за култура 19 октомври, Крива Паланка, Центар за култура 20 октомври, Велес, Киноверзум 20 октомври, Неготино, Центар за култура 24 октомври, Делчево, Центар за култура 25 октомври, Гевгелија, Центар за култура 27 октомври, Скопје, Синеплекс

Продуцентот Дејан Милошевски најавува дека ова се само првите датуми за македонската турнеја, и дека истата продолжува и во ноември, а деталите ќе ги соопштат наскоро. „Кино Љубов“ е вивисекција на нашиот живот денес како уметници, но и на нас како луѓе, чии семејства под притисок на лудилото наоколу се на работ на распаѓање, вели режисерот и продуцент Јани Бојаџи.

Додава и дека филмот е нашиот одговор на прашањето како да се зачуваме самите себеси и нашите семејства. „Љубовта е состојката за спас, која ние во овој филм, кој во суштина е насилен, во краен случај ја нудиме и во неа веруваме докрај“, раскажува Бојаџи.

Во „Кино Љубов“ ќе ја проследите приказната за актерот без ангажман Коста, кој одлучува да создаде приватно сопствено кино во кое ќе се проектираат само љубовни филмови, за што зема пари на заем од својот шура Стево, познат скопски лихвар.

Оваа постапка повлекува низа на непријатни настани во семејствата на Коста и Стево.

Во главните улоги се појавуваат Дејан Лилиќ, Јелена Жугиќ, Благоја Чоревски, Роберт Ристов и Мирјана Ристов. Музиката е на Горан Трајковски, дизајнер на звук е Игор Василев - Новоградска, а директор на фотографија Иван Зоровски.

Филмот е снимен во десет кадри, што го прави првиот македонски филм снимен со „уан тејк“ пристап



Автор: Администратор
Објавено на: 18/10/2023 01:32