Поетесата Делвина Крлуку, која е член на Друштвото на писателите на Македонија, порачува ДПМ да ја зачува традицијата и да ја издигне културата и уметноста на заслужното место.
Во писмо насловено „ДПМ - Дом со високо уметничко ниво“, поетесета Крлуку вели дека ДПМ мора да оди напред заради помладите генерации и заради писателите кои жртвувале се во животот за постоење на слободата на говорот во која, како што вели, денес ние уживаме.
- Гледајќи ги најновите случувања внатре во „куќата на писателите“ расфрлена и поделена, жалиме како писатели, пред се поради фактот што ДПМ е основано од најистакнатите уметнички имиња на Република Северна Македонија, пред точно 75 години. Оваа „куќа“ е наследена од еден до друг писател, опкружена со одреден број луѓе од уметноста за да ја водат, пишува Крлуку.
Посочува дека Друштвото на писателите на Македонија е најголемата куќа на поетите, прозаистите, романсиерите, драматурзите и книжевните критичари и дека вклучувањето во ДПМ бара исполнување на високи критериуми за пишување и знаење.
- Секој писател кој ја сакаше и ја сака оваа куќа, особено културата, уметноста и литературата даде од себе, не само книги, туку и идеи. Идејата што беше корисна се реализираше, додека злите идеи беа и секогаш остануваат на точката на нанесување голема штета (нема ништо поопасно од голема идеја со мал мозок), наведува меѓу другото Крлуку.
Превирањата во ДПМ почнаа откако седум члена на Претседателството поднесоа неотповикливи оставки поради непочитување на статутарните одредби, приватизирање и манипулирање со тимското работење. Изборното собрание е закажано на 25 ноември на кое се очекува да бидат избрани нов претседател на ДПМ, нов претседател на Собранието на ДПМ, ново Претседателство и членови на другите органи на оваа најголема писателската асоцијација во земјава