Светскиот рекет број 2., Шпанецот Карлос Алкараз, најави денеска дека ќе настапи на Мастерс турнирот од серијата 1000 во Париз, кој е на програмата од 30 октомври до 5 ноември.
Освојувачот на две грен – слем титули (Ју Ес Опен 2022, Вимблдон ова лето) ќе настапи и на завршниот Мастерс на кој ќе се соберат најдобрите осум светски тенисери од 12 до 19 ноември во Торино.
„Имам добри вести, со секој ден се чувствувам сè подобро, ќе настапам во Париз, а ќе бидам и во Торино на АТП завршницата“, напиша Алкараз на социјалните мрежи.
Поради болки во грбот и стапалото, 20-годишниот шпански тенисер го откажа настапот на турнирот во Базел оваа недела. Последниот настап Алкараз го имаше на 11 овој месец кога во полуфиналето на Мастерсот 1000 во Шангај беше поразен од Бугаринот Григор Димитров.