НБА лигашот Индијана соопшти вечерва дека потпиша продолжување на договорот со својот тренер Рик Карлајл, непрецизирајќи ја временската рамка на која 63-годишниот стратег се обврзал на верност кон клубот од Индијанаполис.
Карлајл го одработува својот втор тренерски мандат во Индијана на чија клупа седеше од 2003 до 2007 година, а се врати во клубот во 2021.
„Неговите врски со клубот се длабоки, а неговата работа и водство се непроценливи за нашите играчи. Тој е еден од најкреативните и најуспешни тренери во историјата на лигата и секако дека од нашата страна никогаш не беше доведено во прашање дали сакаме да останеме заедно или не“, објави Индијана, која новата НБА сезона ја почна со победа над Вашингтон од 143 – 120.
За Карлајл тоа беше 897. тренерска победа во кариерата, во која ги предводеше и Детроит и Далас.