Оркестарот на Македонска филхармонија вечер ќе го изведе концертот „Извор“, посветен на 60 години Музичка младина на нашата држава. Диригент е Борјан Цанев, а како солисти ќе настапат младите инструменталисти Магдалена Дрмач – виолончело, Леонардо Димоски – виолина и Гоце Златев – пијано.
Како што е најавено, на програмата се „Водич низ оркестарот за млади“ од Бенџамин Бритн, Симфониски варијации за виолончело и оркестар од Леон Боелман, Капричо-Етида во форма на валс од Сен Санс и „Рапсодија на тема од Паганини“ од Сергеј Рахмањинов.
Бенџамин Бритн е англиски композитор, диригент, виолист и пијанист. Се смета за еден од најзначајните британски композитори, по Хенри Персл. Едно од најпознатите дела на Бритн е „Водич низ оркестарот за млади“, во кое на интересен и оригинален начин ги прикажува инструментите и инструменталните групи во оркестарот. Делото е создадено како музичка подлога за детскиот едукативен документарен филм „Инструменти во оркестарот“.
Леон Боелман е француски оргулист и композитор од ерата на романтизмот, кој напишал повеќе од 160 дела за време на својот краток живот (починал на 35 години). Студирал музика на École de Musique Religieuse et Classique, истото школо каде што учел и Габриел Форе. Најпознати дела на Боелман се „Готска суита“ и Симфониски варијации за виолончело и оркестар. По оргулите, виолончелото му бил втор омилен инструмент на Боелман. Симфониските варијации за виолончело и оркестар напишани во 1892 година, иако се кратки и траат само 11 минути, богати се со лиризам и контраст, а од изведувачот бараат виртуозност и деликатна интерпретација.
Камиј Сен-Санс е француски оргулист, диригент и композитор. Започнал да стекнува популарност уште како дете на 11 години, бидејќи со леснотија свирел комплексни пијанистички дела, кои не биле едноставни ниту за етаблираните пијанисти. Напишал многу композиции во различни музички форми, но најомилена му била симфониската поема. Напишал 12 опери, меѓу „Самсон и Далила“, една од најизведуваните на светските оперски сцени. Оригинално напишана како Етида за пијано, Капричо – Етида во форма на Валс, опус 52, број 6, била транскрибирана и аранжирана за виолина и пијано од големиот виолинист Ежен Исаи. Како што сугерира продолжениот наслов, делото е напишано во тричетвртински такт и претставува композиција во која солистот ги презентира своите изведувачки капацитети. Ова дело му дава неограничена можност на солистот да ги покаже своите музички и технички вештини.
Еден од најголемите руски композитори Сергеј Рахмањинов (1873 – 1943), се смета и за најголем пијанист на целиот 20 век, бидејќи поседувал истакнато чувство за ритам и легендарни технички можности. Во периодот помеѓу двете војни, Рахмањинов напишал мал број дела, и најзначајнa од тој период е токму Рапсодијата на тема на Паганини.
Леонардо Димоски е роден 2004 година, во Битола. Учествувал на „Виолин фест“ – Скопје, во 2016, 2017, 2018, 2019 и 2023 год. Настапувал во Македонија, Австрија, Србија, Италија... Учесник е на Третата меѓународна конференција „Образование преку граници“ – Битола и на новогодишните хуманитарни концерти на Педагошкиот факултет во Битола. Посетувал семинар по виолина кај доц. м-р Михаило Куфојанакис, проф. Пол Рочек (Австрија), Теди Папаврами (Швајцарија), м-р Владимир Марковиќ (Србија), проф. Рони Шпигел (Швајцарија), проф. Кирил Трусов (Германија), проф. Дмитри Берлински (Русија), проф. Ана Морголетс (Русија), проф. Павел Верников (Украина), проф. Светлана Макарова (Русија).
Магдалена Дрмач е родена 2006 година. Во 2022 година ѝ е доделена наградата за најдобар ученик на гудачкиот оддел во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“. Магдалена е лауреат на фестивалот „Полихимнија“ во 2023 година. Настапува и во Рим, Италија како дел од државната делегација во чест на празникот Св. Кирил и Методиј. Присуствува на многу мастерчасови со врвни професори како: Стефан Попов (Обединето Кралство); Гал Фаганел (Словенија); Вида Вујиќ (Австрија); Ерих Оскар Хутер (Австрија); Атанас Крастев (Бугарија); Милутин Младеновиќ (Србија); Александар Кузмановски (Словенија); Милитијадис Касарос (Грција). Била дел од Камерниот оркестар на МММ „Саша Николовски-Ѓумар“ и „Нонет +“, „Ајга“, како и од проектот „Musica un Ponte tra i Popoli“ во Форли, Италија, 2022 година. Магдалена е водечки челист во симфонискиот и камерниот училиштен оркестар.
Гоце Златев е роден 2006 година. Во текот на своето музичко образование учествува на повеќе државни и меѓународни натпревари и добитник е на многу награди, меѓу кои прво место во Словенија; награда „Најголем виртуоз“ во Бугарија; второ место на натпреварот „Шопен“ во Малезија.
Борјан Цанев дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија, Бугарија. Од 1999 година е редовен диригент на Македонската филхармонија, а во 2001 година специјализира на Кралскиот музички колеџ во Лондон, Велика Британија. Учествува на голем број реномирани фестивали во земјава и во странство, соработувајќи со реномирани солисти како Дејвид Герет, Јоханес Мозер, Иља Гринголтс, Раби Абу Калил, Моника Лесковар, Гзавие Филипс, Кристиан Фрон, Питер Лукаш-Граф, Бранимир Слокар, Серџо Тиемпо, Благој Нацоски, Ана Дурловски, Ана и Олег Кондратенко и др.
Борјан Цанев има остварено гостувања во Англија, Италија, Франција, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција, Чешка, Полска, а воедно има направено и трајни снимки за Македонската радио-телевизија, Бугарското национално радио и „F.A.M.E'S – Macedonia“.