– Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа не успеа да ја одбрани титулата на фјучерсот во грчкиот град Ираклион, откако во денешното четвртфинале загуби од Австријката Синја Краус со 2-0 во сетови (6-2, 6-4).

Ѓорческа добро го отвори дуелот и поведе со 2-0 во првиот сет по што уследи серија од 6-0 во гемови за Краус. Во вториот сет, австриската тенисерка направи брејк при резултат 3-3 и до крајот не ја испушти предноста за пласман во полуфиналето.

Со пласманот меѓу осумте најдобри тенисерки на фјучерсот во Ираклион, Ѓорческа освои 13 поени за новото рангирање на ВТА листата.

Македонската тенисерка и следната недела ќе настапува на фјучерс турнир на грчкиот остров Крит во Ираклион што ќе се игра за награден фонд од 40.000 долари.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/11/2023 22:17