– Поранешниот светски рекет број 1. и освојувач на три грен – слем титули, 36-годишниот Британец Енди Мареј трет пат во својата кариера ја раскина соработката со Иван Лендл.

Легендарниот Американец со чешко потекло првпат го тренираше Мареј од 2011 до 2014 година, и во тој период Британецот го освои олимпиското злато во Лондон 2012. Истата година триумфираше на Ју Ес Опен, а следната го освои Вимблдон и стана првиот домашен тенисер кому тоа му успеало од 1936 година.

Втората соработка Мареј и Лендл ја почнаа во 2016 година и резултираше со нова титула на Вимблдон и ново олимписко злато, како и прво место на АТП листата, но веќе следната година Лендл го напушти кампот на Мареј.

Новата соработка беше договорена лани кога Мареј се обидуваше да се врати на врвот на светскиот тенис по операцијата на колкот која од 2019 година го одвои од теренот. Иако дојде до 42 место на АТП рангирањето, Мареј оцени дека тоа не ги задоволува неговите амбиции.

„Иван беше покрај мене во најголемите моменти во мојата кариера и не можам доволно да му се заблагодарам за сета помош која ми ја пружи. Тој е уникатен карактер кој разбира што е потребно за победа и научив навистина многу во текот на сите овие години покрај него“, објави Мареј.

Лендл, од своја страна, му посака успеси на Мареј во иднина.

„Своите години минати со Енди секогаш ќе ги паметам по добро. Станува збор за голем работник, а нашиот спорт е подобар благодарение на него“, рече Лендл.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/11/2023 15:49