Италијанскиот тенисер Јаник Синер го совлада на АТП Мастерсот во Торино Данецот Холгер Руне во драматичен дуел со 6-2, 5-7, 6-4 и го „повлече“ со себе во полуфиналето на завршниот турнир од сезоната и светскиот рекет број 1, Србинот Новак Ѓоковиќ.

Синер и пред завршниот дуел во групната фаза беше сигурен патник во полуфиналето, но пласманот на Ѓоковиќ беше неизвесен и евентуална победа на Данецот во последниот натпревар од „Зелената група“ ќе го оставеше најдобриот светски тенисер без полуфинале.

Клучниот момент во пресметката меѓу Синер и Руне се случи во третиот сет при резултат 4-4, кога домашниот тенисер направи брејк, откако во претходниот гем тоа не му успеа на Данецот.

Синер е првиот италијански тенисер во историјата кој ќе игра полуфинале на завршниот АТП турнир на сезоната во која со триумфот над Руне дојде до бројката од 60 победи од почетокот на оваа година.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/11/2023 10:33