Борбата за апсолутен светски првак во бокс во тешка категорија меѓу Британецот Тајсон Фјури (35) и Украинецот Олександр Усик (36) ќе се одржи на 17 февруари идната година во Саудиска Арабија, објавија промоторите синоќа на прес – конференција во Лондон.

Во сопственост на Усик се појасите во верзиите WBO, WBA и IBF, додека Фјури е шампион во верзијата WBC, а победникот во нивната меѓусебна пресметка ќе стане првиот боксер кој ги обединил сите шампионски појаси во тешка категорија по Британецот Ленокс Луис, кому тоа му успеа пред повеќе од дваесет години.

На конференцијата за новинари која изобилуваше со пцости и меѓусебни навреди, Фјури вети дека ќе го „уништи“ својот противник кого повеќе пати го опиша како „грдо мало човече“.

„Тој е првак, јас сум првак, ќе биде тоа борба на векот“, рече Фјури, кој има 34 победи и една нерешена борба од своето професионално деби во 2008 година.

„Да, јас сум мал човек. Ќе зборувам во рингот“, одговори Украинецот Усик, кој има 21 победа во исто толку професионални борби.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/11/2023 13:41