– Македонските пара-скијачи Вангел Тркаљанов и Зоран Јовановски во текот на оваа зимска сезона ќе учествуваат на официјалните натпревари чиј организатор е Меѓународната скијачка федерација – ФИС.
За прв пат во историјата на снежните спортови нашата земја ќе има скијачи со попреченост на меѓународни натпреварувања, а нивното учество го обезбеди Здружението на лица со параплегија и квадриплегија „Без ограничувања“, со поддршка од Скијачката федерација на Македонија.
-Во текот на минатата недела нашите скијачи Тркаљанов и Јовановски беа на класификациите во Митерсил, Австрија и ќе се натпреваруваат на официјални ФИС трки, согласно календарот на ФИС. Со тоа испишуваме нова историја во соработка со Скијачката федерација на Македонија, која е побогата за уште една категорија македонски спортисти кои ќе ја претставуваат земјата на глобално ниво, истакнуваат од Здружението „Без ограничувања“.
Двајцата пара-скијачи се во одлична форма и ќе учествуваат на натпреварите во слалом, велеслалом и спуст, а бодувањето е исто како и за лицата без попреченост. Единствена разлика е што во зависност од степенот на попреченост, времето се мери со фактор, односно се множи со одреден процент.