Шаховскиот клуб Алкалоид како успешно ја оцени годинава што изминува.
-Вложените напори да се продолжи триумфалната низа која му дава за право на ШК Алкалоид да се нарече еден од најуспешните спортски колективи во Македонија беа целосно реализирани преку освојувањето нови трофеи во 2023 година. Претставниците на „фармацевтите“ со своите постигнувања на спортски план овозможија годинава да биде запишана како година во која се постигнати резултати вредни за почит, кои ќе бидат репер за иднината, стои во соопштението на ШК Алкалоид.
На поединечните државни првенства, кои се одиграа кон крајот на април, Алкалоид ги освои двете титули – и во машка и во женска конкуренција.
Велемајсторот Звонко Станојоски триумфираше на Отвореното првенство на Македонија освојувајќи 7,5 поени (од 9 кола), додека Моника Стојковска го одбрани насловот државна првенка кај дамите освојувајќи 7 поени (од 9 кола). На ова првенство Никола Бошковски од младинскиот тим на ШК Алкалоид беше прогласен за најдобар играч до 18 години, додека, пак, неговиот клупски колега Христијан Цакончев ја освои наградата за најдобар играч во категоријата до 1800 рејтинг-поени.
Во екипна конкуренција, ШК Алкалоид, исто така, ја освои двојната круна триумфирајќи со максимален ефект на двата турнира кои се одржаа во Охрид на крајот на август.
На меѓународен план, шахистите на ШК Алкалоид настапија и на Светското екипно првенство за сениори, кое се одржа во Струга, каде што во конкуренција на играчи над 50 години го освоија петтото место меѓу 22 репрезентации.
На Екипното европско првенство што се одржа во Црна Гора,Тони Лазов ја освои првата норма за велемајстор.
На државните поединечни првенства во младинска конкуренција со златни медали во своите конкуренции се закитија Кирил Николовски, Ивана Велкоска и Илијана Велев.
На Екипното младинско првенство јуниорите на ШК Алкалоид освоија медал во секоја конкуренција во која настапија.
Како организатор клубот ја продолжи традицијата со организација на турнирот „Алкалоид Рапид Опен“, на кој учествуваат 227 играчи од седум земји, а овој турнир е во планот на активности и во новата 2024 година.