Португалскиот тренер, Жозе Мурињо призна дека не успеал во обидите да ги реши „длабоките проблеми“ во Манчестер Јунајтед.
Специјалниот ги водеше „црвените ѓаволи“ во периодот од 2016 до 2018 година.
-Дали купувате нов мебел пред да ја исчистите куќата? Морав повеќе да чистам отколку да купувам нови работи. Не ја исчистивме како што сакавме. Сакав да го направам тоа од втората сезона, но не успеавме од различни причини, изјави Мурињо во интервју за поранешниот фудбалер на „црвените ѓаволи“, Рио Фердинанд.
Португалецот не именуваше никого, но во овој период еден од неговите проблеми беше со Пол Погба.
- Не можам да кажам дека сакав одредени работи во третата сезона, бидејќи не беше така, но јасно знаев што не сакам таму. Во однос на личностите, знаев што не сакам. Понекогаш во фудбалот треба да го прифатите тоа. Дадов се од себе, но точно знаев какви длабоки проблеми имаме. Во мојата трета сезона тие проблеми стануваа се поочигледни, додаде тој.
Стручњакот, кој беше отпуштен од Рома во јануари, се пошегува дека сепак може да биде крунисан за шампион во 2018 година, кога неговиот тим заврши на второто место, 19 поени зад Манчестер Сити. Против „граѓаните“ се водат истраги за финансиски прекршоци во овој период, а против нив има 115 пријави.
- Доколку Манчестер Сити биде прогласен за виновен за кршење на финансискиот фер-плеј, тие може да изгубат неколку поени. Настрана сите шеги, направивме се што можевме, рече тој.
Во интервјуто Мурињо откри и дека имал понуда да ја преземе репрезентацијата на Англија но ја одбил понудата. Ова се случи во 2007 година пред Фабио Капело да биде назначен на функцијата.
- Понудата беше на маса. Не ја прифатив бидејќи не мислев, а и се уште не мислам дека работата во репрезентација ќе биде нешто во кое ќе уживам, објасни Португалецот