Германскиот фудбалски стручњак Франко Фода е нов тренер на фудбалската репрезентавија на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Претседателот на Фудбалската федерација на Косово (ФФК), Агим Адеми, кој денеска на прес-конференција го претстави Фода, објави дека со него е потпишан двегодишен договор.
Адеми рече дека очекува важни резултати од германскиот селектор, нагласувајќи дека тој ќе има одврзани раце да одлучува.
- Честитки за новиот тренер. Посакувам, како што неговата програма се усогласи со нашиот проект, да има резултати. Фода е тренер за резултати. Во овој дел сакаме резултати бидејќи нашиот развој го направивме. Се надеваме дека Фода ќе биде селекторот кој ќе остане во историјата на Косово и да се квалификуваме за европските натпреварувања, рече Адеми.
Тој информира дека Фода доаѓа со свој тим, дека нема да има мешање во неговата работа и дека ќе има целосна поддршка од ФФК.
Германскиот стручњак, од негова страна, изрази оптимизам дека ќе успее со Косово.
- Ова е посебен ден за луѓето тука во Косово, како и за мене. Многу сум среќен што сум овде. Со нетрпение го очекувам новиот предизвик и оптимист сум дека заедно ќе бидеме успешни, изјави Фода пред медиумите во Приштина.
Фода го презема водењето на Косово по речиси две години без ангажман. Негов последен, краток ангажман, беше на чело на швајцарскиот клуб Цирих.
Како фудбалер, Кода настапувал за германските бундеслигаши Кајзерслаутерн, Армениа Билефилд, Баер Леверкузен и Штутгард, како и за швајцарскиот Базел и австрискиот Штурм Грац. Има одиграно и неколку натпревари за германската репрезентација до 21 година и два натпревари за А-селекцијата.
Како тренер, поголемиот дел од времето го помина во Австрија, каде што неколку години го водеше Штурм Грац, со кој своевремено ја освоија шампионската титула и Купот на Австрија. Една година го водеше и Кајстерслаутерн во Германија.
Од 2018 до 2022 година беше селектор на австриската репрезентација, со која успеа да се пласира на ЕП 2020 година и ја мина групната фаза.
Се очекува Фода да дебитира како селектор на Косово на пријателските натпревари во март. Косово на 22 март во Ереван ќе игра против Ерменија, додека на 26 март во Будимпешта се соочува со Унгарија.
Косово остана без селектор по разрешувањето на Словенецот Примож Глиха поради слабите резултати во квалификацискиот циклус за „Евро 2024“.